Ограничена пловидба на скутери и чамци по езерата

01.07.2016 14:33

Од денеска до триесет и први август ќе биде ограничена пловидбата за скутерите и чамците на македонските езера. Скутерите не смеат да пловат помеѓу единаесет и деветнаесет, додека чамците од дваесет и еден до пет часот наутро. Со тоа ќе биде зголемена безбедноста на капачите и внатрешната пловидба на езерата...

Скутерите и чамците од денеска до 31-ви август имаат временско ограничување за пловидба на македонските езера. Во периодот од 11 до 19 часот е забранета пловидбата за скутерите, додека за чамците ограничувањето е од 21 до 5 часот наутро. Целта е да се заштитат капачите и во истовреме да се зголеми безбедноста во внатрешната пловидба. Од 2009- та година кога за прв пат започна да се применува оваа мерка бројката на пловидбени незгоди е драстично намалена.

Од Охридската капетанија најавија дека и ова лето ќе има засилени контроли за учесниците во водениот сообраќај, а за оние кои не ги почитуваат прописите се предвидени високи парични казни од 400 до 1.600 евра. Покрај временските ограничувања заради безбедносни причини чамците со мотори до 4 коњски сили не треба да пловат поблиску од 100 метри, додека бродовите, глисерите и скутерите треба да бидат одалечени од брегот најмалку 300 метри

 

Сашо Нелоски