„Кранфилд Фаундри“ почна да ја гради леарницата во Пробиштип

26.07.2016 16:31

Почна изградбата на леарница во Пробиштип. Инвестицијата на компанијата „Кранфилд Фаундри“ е вредна 15 милиони евра. Се планираат 280 работни места. Капацитетот треба да биде готов до идната година...

„Кранфилд Фаундри“ почна со реализација на најавената инвестиција во Пробиштип. Во индустриската зона „Неокази“ гради леарницата вредна 15 милиони евра. Фабриката ќе отвори работа за 280 луѓе. Финализацијата се очекува напролет.

„Во последните четири години напорно работевме со локалните бизниси, со локалната власт, за да се осигураме дека овој проект навистина ќе се случи“, изјави извршниот директор на „Кранфилд Фаундри“, Дариус Џуба.

„Плановите на инвеститорот се да почне со работа во првата половина од следната година, со што ќе почнат и првите вработувања. За година- две треба да се оптимизира бројот на вкупно 280 вработувања. Има и најава дека инвеститорот планира отворање на нова, втора линија, со која се очекува најмалку да се дуплираат вработувањата“, нагласи премиерот Емил Димитриев.

Според вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, инвестицијата ќе  придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните од овој регион.  

„Поставувањето на камен-темелникот на новата фабирка на „Кранфилд Фаундри“ е чекор напред кон остварување уште еден успешен инвестициски проект, кој директно ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните на Пробиштип“, изјави Пешевски.

Со влезот на оваа странска компанија, Македонија ќе добие силен добавувач на висококвалитетни производи наменети за интернационалниот пазар- вели министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

„Особено важно е дека ваквите типови фабрики се основен услов за побрз развој на автомобилскиот сектор кои ќе ни овозможат привлекување компанија производител на автомобили која ќе го заокружи целиот процес на производство, што е и наша крајна цел“, рече Павлески.

На поставувањето на камен- темелникот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Овде во Пробиштип, во 2006 година имаше 4.200 невработени лица, а денес има само 2000. И тоа не е малку, треба да се работи и тоа да се намали, меѓутоа има значително намалување на невработеноста за повеќе од 50 отсто“, рече Груевски.

Инвеститорот уверува дека автоматизираната леарница се гради според еколошки стандарди. Ќе произведува делови за монтажната, железничката и автомобилската индустрија.

Фабриката на „Кранфилд Фаундри“ е првата инвестиција во новата индустриска зона во „Неокази“. Слободни се уште 14 хектари за кои треба да се најдат нови инвеститори.

Сунчица Николоска