Крушево ги обновува историските светилишта

03.08.2016 12:41

Градот на музеите- Крушево, ги збогатува аргументите во приказната за славното минато. Се обновуваат четирите од шесте музеи. Музејските поставки, особено од илинденската епопеја ќе донесат нови, досега непознати документи и факти за првата република на Балканот...

Нови музејски поставки, досега непознати документи, осветлување на историските настани од Илинденската епопеја, па и во периодот на народноослободителната војна. Музеите во историско Крушево комплетно се обновуваат и целосно ќе блеснат. Уште подокументирано ќе ја раскажуваат славната историја на највисокиот град на Балканот со првата Република. За два месеца завршува обновата на Музејот на Илинденското востание, до крајот на годинава ќе блесне Музејот на НОБ, за една година и Галеријата на Икони и копаничарство во црквата „Свети Јован“, а штотуку почна целосната обнова на споменичниот комплекс „Илинден“ или Македониумот.

Иако се работи забрзано, посетителите се редовни. Особено нашинците од прекуокеанските земји.

Куполата ќе добие и нова просторија за изложби и промоции. Музејот на Илинденското востание на виделина ќе изнесе фотографии и документи досега непознати за јавноста.

Со обновата на историските светилишта, градот на музеите- Крушево ги збогатува аргументите за славното минато.

 

Елизабета Митреска