Локализирани пожарите во Богданци и Гоцева шума
Пламените јазици зафатиле површина од 12 илјади квадратни метри сува трева, стрништа и смрека. Во пожарот изгореле 30 хектари борови дрвја, а зафатени биле и лозови насади.

Локализирани се пожарите на територијата на општина Богданци и месноста Гоцева Шума кај Неготино, велат од Центарот за управување со кризи. Пламените јазици зафатиле површина од 12 илјади квадратни метри сува трева, стрништа и смрека. Во пожарот изгореле 30 хектари борови дрвја, а зафатени биле и лозови насади.
„Во гаснењето на пожарот учествувале екипи на ТППЕ Дојран, Гевгелија, Струмица, Валандово, Богданци, потоа Дирекцијата за заштита и спасување, вработените во шумското стопанство Кожув и месното население“, изјави за МТВ Тихомир Каранфилов, Центар за управување со кризи.
Главните причини за пожарите се зголемените температури во летниот период, човечкото невнимание, но и наглите временски промени.
„Кога имаме топло време, кога ќе се исуши почвата и немаме доволно количини на вода, тревата често пати е подложна на палење. Ние имаме систем на пратење на целата територија, преку кој се следи дали е доволно влажна почвата, или е сува, каде има можност од појава на поголеми пожари и слично“, вели Каранфилов.
Ставени се под контрола и пожарите во атарот на село Курија и на село Дреново. На терен постојано дежураат екипи од Дирекцијата за заштита и спасување за брза реакција при евентуална појава на нови пожари или активирање на старите жаришта.
Фиљана Кока
