Дел од јавните чешми со неисправна вода за пиење
Граѓаните да внимаваат, водата за пиење кај дел од јавните чешми е бактериолошки неисправна- предупредуваат од Центарот за јавно здравје. Проблемот е присутен и кај 40 насто од руралните водоводи. Надлежните велат се врши дезинфекција, има поголем опфат на хлорирање и одржување на ситемите...

Проблем кој се повторува речиси секоја година - дел од јавните чешми низ општините имаат бактериолошки неисправна вода за пиење. Граѓаните доаѓаат да се разладат, но внимаваат од која чешма пијат вода.
„Не сум сигурен дека водата е безбедна, затоа што имам почувствувано повеќе квалитети на водата. Има две - три места во Скопје каде што водата е навистина добра. И внимавам! Тука, во Капиштец и во Аеродром, овие три чешми се најдобрите.“
„Водата за пиење е добра, цел живот ја пијам, ништо не ми е.“
„Каде што има поставено табли, водата не е безбедна, инаку исправна е, од водовод е“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Екипата на МТВ беше на терен - забрана за пиење на водата забележавме кај чешмата „Света Петка“ во Црниче. Истата табла стои и во близина на црквата „Свети Јован Крстител“ во Капиштец. Има уште неколку во Скопје, велат од Центарот за јавно здравје. Според нив, станува збор за природни извори кои не се заштитени, најголемиот дел се во помалите средини.
Проблемот со водата за пиење кај дел од јавните чешми се јавува речиси секоја година. Иако надлежните поставуваат табли со предупредување за неисправноста на водата, ваквите натписи често се уништуваат или пак, целосно се отстрануваат.
Анализите покажале дека дури 40 проценти од селските водоводи имаат бактериолошки неисправна вода за пиење, поголемиот дел од нив не се хлорира.
„Локалните жители кои живеат во овие места најверојатно се навикнати на таква вода, па ним им треба поголема доза за да се разболат, додека некој друг граѓанин кој не е навикнат на вода која има во себе микроорганизми секако дека ќе се разболи“, изјави проф. д-р Михаил Кочубоски, Институт за јавно здравје.
Според Центарот за јавно здравје, јавниот водовод е во солидна состојба - веднаш се интервенира на места каде што има повремено заматување на водата.
Андријана Атанасовска
