Околу 5.000 семејства од 12 населени места оштетени од невремето во скопско

09.08.2016 14:07

Стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени...

Околу 5.000 семејства од 12 населени места во скопско се оштетени од невремето во саботата. Стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени, соопшти државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари.

Вчера излеговме на терен и почнавме со чистење на мртвиот добиток за да не се дозволи ширење на какви било зарази. Работат вкупно 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласи Јашари.

Сега е битно да се проценат штетите. Резултатите од проценката ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, ќе се ревидираат по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток. Луѓето ќе ги добијат средствата, но за жал жртвите неможат да се вратат, подвлече државниот секретар Бесир Јашари.

Јашари укажа и на потребата од зачувување на шумите зашто, како што објасни, не е исто движењето на водите кога по површината има дрва со оглед дека корените апсорбираат дел од количините.