Опасност од заразни заболувања во поплавените подрачја
Епидемии се закануваат во поплавените подрачја. Дезинфекција и дезинсекција ќе се прави по целосно расчистување на теренот. До тогаш стои и забраната за пиење вода од чешма, иако првичната анализа покажала дека водата е исправна...

Водата во подрачјата зафатени од големото невреме е исправна - покажале првичните анализи на центарот за контрола при водовод и канализација. Но, надлежните од институтот за јавно здравје велат дека забраната за пиење на водата останува до целосното расчитување на теренот.
„Првично бактериолошката анализа не дава показатели дека водата е загадена од фекално загадување, но мораме да почекаме до утре кога би ги имале и конечните резултати. Секако дека повторно ќе земеме примероци, бидејќи мораме да ја следиме состојбата“, вели проф. д-р Михаил Кочубоски, Институт за јавно здравје.
Дополнителен проблем во поплавените подрачја се заразните заболувања.
„Најчесто во вакви услови може да се очекуваат цревни заболувања, со повраќања, проливи и температура. Потоа бациларна дезинтерија, кое е потешко заболување. После повеќе денови, обично заради нехигиена може да се појави заразната жолтица или хепатитис А“, изјави д-р Кочубоски.
Синоптичарите и за деновиве најавуваат нестабилно време, особено в четврток и в петок.
„Очекуваме тогаш да имаме силен ветер од 90 до 100 километри на час во повардарието, а тоа ќе донесе заладување од 10 до 12 степени. Еден до два дена ќе се задржи посвежо време, а потоа ќе имаме стабилно време со постепен пораст на температурата на воздухот“, изјави Душанка Танушевска, дежурен синоптичар во УХМР.
Во наредниот период, по целосно расчистување на теренот, ќе се изврши и дезинфекција и дезинсекција на подрачјата зафатени од поплавите.
Андријана Атанасовска
