Се санираат штетите, државните институции дејствуваат со својот капацитет
Државните интситуции дејствуваат со својот капацитет. Дел од населението ангажира и приватни фрими за санирање на последиците. Кризниот штаб е постојано на терен. Под отворено небо, лекарска екипа им укажува помош на повредени. Жители повикаа- да не се зема повеќе од она што е потребно од помошта, за да има за сите погодени...

Синѓелиќ, Стајковци- се расчистува кој што може. Механизација, армија, полиција, население, донации. Пунктови за вода, храна.
И покрај напорите на институциите, приватните фирми и населението, сепак се чини останува стравот, напнатоста и нервозата кај населението кое беше најпогодено од поплавите.
„Леб, вода, сѐ од приватни фирми од Гостивар, од Тетово, Дебар, Струга, од секаде...“, вели жител на Сингелиќ.
Се нема трпение. Не се чека само на државните институции, туку самите ангажираат приватни фирми.
„Ова е приватно, платено, со свои средства, чистиме, не можеме да чекаме, живееме во ненормални услови“, вели жител на Сингелиќ.
Државните претпријатија дејствуваат со својот капацитет.
„Граѓаните се нестрпливи, а ние не можеме насекаде да постигнеме- луѓето се тие, возилата се тие што ни се на располагање. Полека, полека некои делови ги нормализираме, гледаме главната улица да ја средиме, па после влегуваме во споредните улички“, изјави Борис Блажески, Комунална хигиена- Скопје.
„Како се чисти од подрумите и од другите простории, водата доаѓа до тука, а потоа ние ја испумпуваме во другиот дел од шахтата, инаку повторно би се излеала“, вели Жарко Андриески од Противпожарната служба.
Кризниот штаб е постојано на терен.
„Ја согледуваме состојбата каква е, каква механизација е потребна и каде треба најитно да се реагира“, изјави Соња Арсова, раководител на Центар за социјални грижи.
Под отворено небо, лекарска екипа им укажува помош.
„Во моментот најмногу се жалат на главоболки, нервоза, зголемен крвен притисок“, изјави Едис Јукиќ, лекар од општа пракса.
Во целата трагедија жителите повикаа на хуманоста- да не се зема повеќе од она што е потребно, за да има за сите погодени.
„Со коли товарат, не се толку оштетени, а ненормално земаат. Тоа многу ме погодува- нека даваат на оние што навистина се оштетени“, вели жителка на Стајковци.
Во училиштето сѐ е подготвено за илјада топли оброци.
Сепак, не е лесно да се справиш со пустошот што саботната вечер го направи водената стихија. Жителите сеуште не можат да си дојдат при себе после ужасот што го доживеаа.
Фиљана Кока
