Леново ја купува Моторола од Гугл

30.01.2014 12:40

Според договорот за продажбата, најголем дел од патентите на Моторола ќе останат во сопственост на Гугл...

После помалку од три години откако го презеде пропаднатиот произведувач на мобилни телефони Моторола, интернет гигантот Гугл одлучи да го продаде некогаш вредниот бренд на пазарот на мобилни телефони.
 
Леново за 2,91 милијарди долари ја купува Моторола од Гугл, потврди директорот Лери Пејџ. Според договорот за продажбата, најголем дел од патентите на Моторола ќе останат во сопственост на Гугл, кој ќе ги искористи да го заштити Андродид оперативниот систем.
 
Кинескиот Леново пак ќе го добие седиштето на компанијата во САД, за да може посериозно да им конкурира на Епл и Самсунг на американскиот континент. 
 
Кинески Леново од Гугл ќе ја преземе Моторола значително под цената од 12,5 милијарди долари колку што Гугл плати за неа во 2011 година.
 
Гугл очигледно не успеа да ја подобри работата на Моторола- само во последниот квартал од минатата година Моторола забележа загуба од 248 милиони долари, велат аналитичарите.
 
Дали Леново ќе има повеќе среќа со овој некогаш моќен бренд на пазарот на мобилни телефони останува времето да покаже.