Дипломатија

Македонија и Грција ќе градат добрососедство

25.08.2016 15:05

Ќе продолжи остварувањето на договорените мерки за градење доверба меѓу двете држави, пред сѐ за доброто на граѓаните...

Мост на соработка со Грција и квалитетни билатерални односи за решавање на крупните прашања, заедничка констатација на министрите за надворешни на Грција и на Македонија, Коѕиас и Попоски, на денешната прес конференција во македонското Министерство за надворешни работи. Ќе продолжи остварувањето на договорените мерки за градење доверба меѓу двете држави, пред сѐ за доброто на граѓаните.

„Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот. Значи, потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни, истакна по средбата Коѕиас.

„Од уште поголема важност за нас е да создадеме мост на соработка со Грција, која ќе ги направи нашите билатерални односи на ниво на кое претходно не биле. Доколку мораме да бираме помеѓу двете работи мислам дека многу е позначајно во овие услови да се посветиме на добри односи со нашите соседи, повеќе мостови кон Грција, отколку кон менување на реалноста со која се соочуваме во овој момент, а таа е повеќегодишна дефокусираност“, рече макеоднскиот шеф на дипломатијата, Попоски.

Пред средбата со вицепремиерот и министерот за надворешни Попоски, во Владата на Република Македонија, грчкиот министер за надворешни Никос Коѕиас имаше средба со премиерот Емил Димитриев. Според распоредот, Коѕиас денеска во резиденцијата на Водно, има средба и со претседателот Ѓорге Иванов.