Попоски- Коѕиас: Мостови на добрососедство за да се решат крупните проблеми

25.08.2016 16:53

„Потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни“- изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас по средбата со неговиот домаќин, Никола Попоски во Скопје. Сепак, според него, црвени линии мора да има. Македонскиот министер за надворешни работи вели дека на оваа фаза може да се гледа како на докажување дека се има капацитет за решавање на проблемите и пред влезот во ЕУ и НАТО...

„Ако партнерите не си веруваат, тие нема да стапат во брак“- со ваков пример грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас ја потенцираше потребата од проширување на мерките за градење на доверба меѓу Скопје и Атина.

Дека треба да се работи на добрососедството согласен и домаќинот- министерот Попоски. Спорот за името, како што претходно најавија, не бил дел од разговорот меѓу двајцата шефови на дипломатии. Сепак, по прашањата на новинарите од двете земји, прес конференцијата ја посветија најмногу на оваа тема. Гостинот рече дека е најголем поддржувач на компромисите.

Околу проблемот за името, Попоски посочи дека треба да се работи на создавање рамка што ќе ја смени перцепцијата во двете земји.

Шефот на грчката дипломатија, Коѕиас, потсети на ветото што го стави во Европската унија околу предлогот за воведување санкции кон Македонија, во екот на политичката криза годинава. Рече дека санкциите се контрапродуктивни.

Министерот Попоски истакна дека интересите на двете страни, кои на почетокот беа во судир во однос на бегалската криза, сега се исти.

Освен унапредувањето на мерките за градење доверба, двајцата министри разговарале и за железничката линија од Битола до Лерин и за градење гасовод од Солун до Македонија.

Коѕиас денеска се сретна и со претседателот Иванов и со премиерот Димитриев.

 

Катерина Топалова