Почнa изградбата на гасоводот на делницата Штип- Неготино

30.08.2016 17:08

Почна изградбата на новата делница од националниот гасоводен систем Штип- Неготино. Втората траса е долга 36 километри, а инвестицијата изнесува 16 милиони евра. Идниот месец треба да почне изградбата на уште две делници...

Нови 36 километри гасовод ќе се градат во рамки на делницата Штип- Неготино. Овој втор дел од проектот за изградба на национален гасоводен систем чини 16 милиони евра, и според најавата ќе биде готов до крајот на идната година.

„Изградбата вклучува машински, градежни и електро работи, како и катодна заштита на целиот систем. Во состав на овој гасовод се и две мерни станици наменети за снабдување на градовите како и четири блок станици“, изјави директорот на Македонски енергетски ресурси Крсте Миладинов.

Новата делница од гасоводот ќе ги поврзува Демир Капија и Термоелектраната Неготино, со што за прв пат се создава можност за гасификација и поекономично работење на овој енергетски капацитет.

Реализацијата на овој проект ќе значи дополнително олеснување во работата на индустриските капацитети, на компаниите во нашата држава, бидејќи со гасификацијата директно се придонесува за подобрување на условите за производство поради поевтиниот енергенс што само по себе ќе продуцира и подобрување на конкурентноста и извозот на нашите производи во странство“, нагласи премиерот Емил Димитриев.

Следниот месец стартува изградбата на кракот Неготино- Кавадарци- Битола долг 92 километри, кој се очекува да биде завршен во 2019 година. Паралелно со оваа гасоводна делница ќе се гради и четвртата, која ќе го поврзува главниот град со Тетово и Гостивар. Гасоводот ќе биде долг 76 километри, а неговата изградба ќе финишира за три години.

Вкупната гасоводна мрежа ќе биде долга 265 километри, а инвестицијата чини повеќе од 200 милиони евра. Достапноста на гасот, велат познавачите, ќе обезбеди поевтин енергенс за стопанството и за населението, и ќе проидонесе за побез економски развој.

„Нашите планови се до 2022 година да имаме изградено гасоводна мрежа на целата територија на Република Македонија. Изградбата на национален гасоводен систем подразбира рамномерен развој на цела територија на нашата земја“, рече министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Изградбата на гасоводот Клечовце- Штип, долг 61 километар, заврши минатиот месец и во него беа инвестирани 75 милиони долари.

Анита Димитријевска