Лидерска средба: Се очекува оценка дали има услови за избори
Доколку се договорат лидерите на четирите најголеми политички партии, изборите би се одржале на 11-ти декември, а на 100 дена пред изборите треба да се избере преодна влада во која ќе партиципира опозицијата.

Лидерите на четирите политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА, согласно сo политичкиот договор постигнат на 20-ти јули годинава, денеска ќе одржат средба во Клубот на пратениците, на која ќе оценат дали се исполнети условите за одржување фер и демократски избори.
Доколку се договорат лидерите на четирите најголеми политички партии, изборите би се одржале на 11-ти декември, а на 100 дена пред изборите треба да се избере преодна влада во која ќе партиципира опозицијата.
Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места за внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.
100 дена пред изборите опозицијата треба да именува нов главен и одговорен уредник на јавниот сервис, а се очекува денеска да биде комплетирано и ад-хок телото кое ќе ги мониторира медиумите.
На лидерската средба се очекува да присуствуваат и претставници на меѓународната заедница, американскиот амбасадор Џес Бејли и висок претставник од делегацијата на ЕУ, како посредници во постигнувањето на Пржинскиот договор.
