Вељаноски: Македонија посветена на регионалната соработка и добрососедските односи
Вељаноски во својот говор истакнал дека за државите од ЈИЕ, а во тие рамки и за регионот Западен Балкан, регионалната соработка има особено значење од повеќе аспекти...

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се обрати на првиот дел на Парламентарниот состанок на земји од Централно- источна Европа на тема „Преродба на Европската Унија и регионалната соработка во Централна и Источна Европа“, кој се одржува во Варшава, Полска.
Вељаноски во својот говор истакнал дека за државите од ЈИЕ, а во тие рамки и за регионот Западен Балкан, регионалната соработка има особено значење од повеќе аспекти.
Според Вељаноски, основна цел на оваа регионална соработка е надминување на економските, но и социјалните разлики меѓу одредени региони. Во исто време, преку регионалната соработка се намалуваат и миграциските текови од помалку развиените кон повеќе развиените региони што секако има влијание и на демографската слика на одредени региони.
Тој, како што соопшти неговиот кабинет, во обраќањето посочил дека по таканаречениот Брегзит, односно референдумот на кој граѓаните на Велика Британија се определија за излез од ЕУ, се актуелизирале прашањата за тоа каква Европа сакаме и која е иднината на ЕУ и интегративните процеси на државите аспиранти.
