Акција „Брана“: Разбиена група препродавачи и посредници на дрога

31.08.2016 13:00

Петмина членови на групата се уапсени, едно лице е веќе притворено, а полицијата трага по уште еден. При претрес на домовите запленети се различни типови дрога.

Седум лица добија кривична пријава за недозволена трговија со дрога откако МВР вчера спроведе акција за нивно неутрализирање. Петмина членови на групата се уапсени, едно лице е веќе притворено, а полицијата трага по уште еден. При претрес на домовите запленети се различни типови дрога.

Од извршените претреси, кај пет лица, од кои кај тројца организатори и двајца посредници, пронајдени и одземени се предмети и средства за комуникација кои ќе бидат предмет на дополнителни испитувања и вештачења.

Од криминалистичкото истражување „Брана“ добиени се сознанија дека три лица на возраст од 35, 38 и 42 години од јули минатата година до јуни годинава организирале мрежа на препродавачи и посредници и ангажирале повеќе лица за пренесување и продавање дрога и психотропни супстанци, рече министерот Чавков.

Тој нагласи дека поради карактеристиките на криминалната група за која постојат основи на сомневање дека има висок степен на коруптивно влијание и силна внатрешна поврзаност на надлежните институции ќе продолжат со истражување со цел да се обезбедат дополнителни материјални докази и идентификување други лица членови, а воедно, подвлече, се продолжува и со финансиската истрага.

Досега, истакна министерот Чавков, во рамки на криминалистичкото истражување „Брана“ во текот на 2015 и 2016 кривично пријавени и лишени од слобода се вкупно 30 лица. Притоа, пријавен е полициски инспектор, јавен обвинител и директор на општа болница, сите од Битола.