Косово: Одложена расправата за демаркација на границата

01.09.2016 16:36

Во меѓувреме пред собраниската зграда се одржуваат протести, предводени од опозициската партија Самоопределување, која се противи на демаркацијата со Црна Гора, оти сметаат дека на тој начин Косово ќе загуби дел од територијата.

Косовското Собрание ја одложи расправата за демаркацијата на границата со Црна Гора. Владата реши да го повлече предлогот од дневен ред во Собранието, но, како што рече премиерот Иса Мустафа, тоа не значи дека се повлекува од договорот. Не е познато ниту кога повторно предлогот ќе биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред собраниската зграда се одржуваат протести, предводени од опозициската партија Самоопределување, која се противи на демаркацијата со Црна Гора, оти сметаат дека на тој начин Косово ќе загуби дел од територијата.

Претседателот Хашим Тачи, пак, тврди дека Косово нема да загуби ниту еден метар од својата територија заради демаркацијата и објасни дека „им верува на мапите на НАТО“, а не „на руските или на југословенските мапи“. Тачи е убеден дека спогодбата за демаркација ќе биде ратификувана и дека тоа ќе го поплочи патот кон либерализација на визниот режим со ЕУ.

Американскиот експерт за состојбите на Балканот, Даниел Сервер, пак, смета дека демаркацијата на границата со Црна Гора може да го дестаблизира Косово, доколку одредено политичко движење успее да мобилизира насилство. Според Сервер, демаркацијата може да се случи, иако, како што вели, Косово има многу позначајни прашања отколку обележувањето на граничната линија со соседната земја.

 

Марина Автовска