Изложба за Мајка Тереза во Рим
Изложбата на фотографии и текстови за животот и делото на Мајка Тереза е во организација на Спомен куќата на Мајка Тереза од Скопје и Министерството за култура на Република Македонија...
Синоќа по повод канонизацијата на Мајка Тереза во Рим беше отворена изложба за нејзиниот живот и дело. На отворањето беше државниот врв, митрополитот Пимен, министерката за култура Канческа- Милевска, градоначаникот Трајановски, бројни претставници на италијанскиот културен и јавен живот.
Изложбата на фотографии и текстови за животот и делото на Мајка Тереза е во организација на Спомен куќата на Мајка Тереза од Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, обраќајќи се на свеченото отворање пред бројните гости, истакна дека оваа изложба претставува еден мал придонес на нашата држава во одбележувањето на историскиот чин – прогласувањето на Мајка Тереза за светица.
Денеска Мајка Тереза со својот живот и дело се впиша во вечната книга на светителите, таа стана пример за предано служење на Бога, симбол на милосрдието, на добрината и хуманоста. Денеска сите ние сме особено горди што нашата сограѓанка со својата оставнина повторно ги обедини добронамерниците од целиот свет кои, со длабока и неизмерна почит во нејзината личност и дело, препознаваат надеж и верба во иднината на човештвото, рече Канческа Милевска.
Таа додаде дека токму затоа една од заложбите на Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатите години беше на достоен начин да се оддаде почит кон делото на Мајка Тереза која, како што рече, остави наследство кое имаме обврска да го опредметиме.