Татковинска прослава за Св. Мајка Тереза
Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје денеска ќе бидат врачени статуетки со ликот на светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот...
По прогласувањето на Мајка Тереза за светица во Ватикан, во текот на оваа седмица во земјава ќе се одржат низа настани и манифестации во рамки на татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“.
Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје денеска ќе бидат врачени статуетки со ликот на светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот, помагањето и намалувањето на човековите страдања. Манифестацијата ја организира граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Католичката црква во Скопје денеска организира целодневно обожување, а во рамки на прославата утре во Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи свечена академија за ликот и делото на светицата Мајка Тереза.
Централната прослава, под покровителство на претседателот Иванов е планирана во недела кога на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи понтификална света миса предводена од специјалниот папски пратеник кардиналот Винко Пулиќ.