Свечена академија за Мајка Тереза во МАНУ

06.09.2016 16:39

Мајка Тереза, според величината, возвишеноста, благородноста и епохалноста на своето дело без сомнение е една од најмаркантните светски личности на 20-ти век. Длабоките пораки на милосрдието и љубовта да се ткаат во основата на нашето живеење во, науката, културата, во политиката. Македонската академија на науките и уметностите со Свечена академија ја одбележа канонизацијата на Мајка Тереза во светица...

Според хуманите и величествени дела на големите личности се идентификуваат и стануваат препознатливи цели држави, народи, градови, нагласи во своето обраќање првиот човек на академијата Таки Фити. Оттаму, граѓаните на мултикултурна Македонија, треба да бидат горди на нашата сограѓанка Света Тереза од Калкута.

Со својата оставнина, светицата не задолжи, како и нашата колективна меморија, посочи министерката Канческа- Милевска. Генерациите и по нејзиното овековечување го препознаваат симболот на надежта и вербата во иднината на човештвото. ­

Кога Римокатоличката црква под многу строги критериуми ќе одлучи да прогласи некого за светец, тоа го прави за да поттикне да бидат следени оние кои со својот пример оставиле печат. Нашата сограѓанка Света Тереза го одбележа времето во кое живееше, посочи бискупот Стојанов.

Свечената академија во МАНУ се одржа во рамките на татковинската прослава по прогласувањето на Мајка Тереза за светица од Папата Францис во Ватикан.

Фиљана Кока