МАНУ бара разрешница на кризата

07.09.2016 15:58

„Сме имале сили и капацитет да се справивме со тешки ситуации. Максимално да го искористиме знаењето за разрешување на кризата која не врати назад“- вели претседателот на МАНУ, Таки Фити, за 25- годишнината од осамостојувањето...

Македонија како независна држава во изминативе 25 години постигна успеси во етаблирањето како признат субјект во меѓународниот политички и правен поредок. Сепак, одговорност на политичките структури е да ја надминат кризата која го загрозува на долг рок угледот на земјава и штети на демократскиот и економскиот развој, беше речено од учесниците на конференцијата што ја организираше МАНУ.

„Политичките лидери сега стојат пред една крупна задача, должност, да ја разрешат политичката криза, која во последните две години доведе до опаѓање на угледот на Република Македонија“, изјави академик Владо Камбовски, раководител на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити потсети дека во изминатите, како што наведе, 25 тешки транзициски години и искушенија, Македонија постигна резултати вредни за почит, како што е чинот на монетарно осамостојување, борбата за признавање на меѓународниот субјективитет на државата и стекнувањето кандидатски статус за членство во ЕУ.

„Во блиското минато сме имале сили и капацитет да се справиме со тешки ситуации и неопходно е максимално да го искористиме нашето знаење за разрешување на длабогата криза со која што сме сега соочени и која не врати, за жал, назад, во многу сфери од нашето живеење“, рече Фити.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми истакна дека евроинтеграциите за РМ се единствена стратешка цел зацртана од осамостојувањето која има безрезервна поддршка од сите граѓани.

„Политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста во Европа“, изјави Арбр Адеми, вицепремиер задолжен за евроинтеграции.

На форумот се одржаа два панели со учество на претставници на научната и стручна јавност кои говореа на теми поврзани со 25-годишнината од независноста на Македонија.

 

Игор Панов