Се истражуваат причините за падот на авионот

07.09.2016 16:19

Со авионот „Пајпер“ што се урна кај селото Кожле управувал Франческо Монтањер, претседател на аероклубот од Тревизо. Во леталото бил и потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин. Тие биле дел од група од три авиони која патувала кон Приштина. Од аероклубот за МТВ велат дека се во шок по големата трагедија. Италијанската амбасада ја почнала постапката за организирање на транспортот на телата на загинатите...

Двајца јавни обвинители, екипи на МВР и судска медицина вршеа увид на местото каде што вчера се урна приватниот авион „Пајпер “ со германски национални ознаки. Теренот иако е тешко пристапен, се одвиваат истражните дејствија, велат од Јавното обвинителство. По нивна наредба обезбеден е дрон. Со снимката ќе се утврди динамиката на движењето на леталото. Се очекува да се откријат и дел од причините за несреќата. За повеќе податоци и информации неопходни во истрагата во обвинителството разговор и со двајцата пилоти од Италија кои управувале со воздухопловите што слетале на аеродромот „Александар Велики“, а тргнале заедно со авионот што се урна во атарот на скопско Кожле. Загинаа шестмина. На терен е тим на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Италијанските медиуми известуваат дека од Тревизо заминала група авиони со 20-ина патници. Крајна дестинација им била Косово, за да присуствуваат на прославата на првата годишнина на тамошниот аероклуб кој бил основан со поддршка на аероклубот од Тревизо. Член на Управниот одбор на клубот од Италија за МТВ вели дека сѐ уште се во шок по трагедијата.

„Може да замислите во каква ситуација сме, не знаеме ништн за несреќата. Знаеме само дека се случила, и толку. Никој не ни кажува ништо. Го знаеме бројот на авиони кои полетаа од нашата земја, но тоа не е важно. Важно е дека еден од нив се урна. Крајната дестинација беше Скопје, не, Скопје поради технички причини, па потоа Приштина. Требаше да слетаат во Скопје поради гориво, крајната дестинација беше Приштина“, изјави Џанлуиџи Бевилаква, член на Управниот одбор на аеро клубот „Тревизо“.

За местото на падот на авионот први јавија мештаните кои чуле експлозија и виделе пожар. Исчезнувањето на авионот од радарот 10 километри во приод кон Скопје на рутата за слетување пак, вчера попладне во 17:40 часот во МВР го пријавила контролата на летање на Скопскиот аеродром. Авионот уредно бил пријавен за дополнување гориво на Скопскиот аеродром. Синоќа МВР го имаше обезбедено местото во поширок периметар. Местото каде што падна авионот е тешко пристапно, а дождот уште повеќе ја отежнува проодноста.

Од италијанската амбасада за МТВ изјавија дека во координација со македонските власти е почната постапката за организирање на транспортот на телата на загинатите во несреќата.

 

Наташа Гркова- Петрушевска