Продолжува истрагата за сообраќајката во Турција, возачот на автобусот остнува во притвор
Возачот на македонскиот автобус со туристи кој имаше несреќа во Турција останува во притвор. Во овој трагичен настан загина наш државјанин, десетици беа повредени. Дел од полесно повредените се на пат за Македонија...
Продолжува истрагата за сообраќајната несреќа во Турција. Останува во притвор возачот на македонскиот автобус во сопственост на скопската фирма „Бога транспорт“ кој удри во камион со приколка, во близина на градот Малкара. Во несреќата загина 45- годишен жител на струмица, а беа повредени 38 патници, од кои 5-мина потешко.
Жената на која и беше извршена хируршка интервенција на долните екстремитети во болницата во Едрене од шок соба е префрлена на одделот за ортопедија и е во стабилна состојба. Според информациите од Македонскиот конзулат во Истанбул, најверојатно во Македонија се враќа в петок. Маж и жена од Штип, кои исто така имаа потешки повреди денеска ја напуштаат болницата во Малкара. Преостанатите се веќе на пат за Македонија.
Македонското МНР, амбасадата во Анкара и конзулатот во Истабул се во постојана комуникација со турските надлежни власти. Вчера возачот на автобусот дал изјава во полиција по што е задржан во притвор, каде што ќе остане до судењето.
Турските медиуми пишуваат дека македонскиот возач се движел со брзина над дозволената и со десната страна на автобусот се забил во камионот што возел пред него.
Ана Јосифоска- Тодоровска
