Пронајдени телата на загинатите, жртвите се италијански и косовски државјани
Нема преживеани во авионската несреќа кај селото Кожле. Жртвите се италијански и косовски државјани, сите тела се пронајдени. Малиот авион, „пајпер“ со германски национални ознаки, во кој се наоѓале пет мажи и една жена, полетал од Тревизо кон Приштина, а на Скопскиот аеродром требал да наполни гориво. Се урнал 4 минути пред слетувањето на пистата. Во тек е истрагата за утврдување на причините за несреќата...

Шестата миља која обично го означува почетокот на спуштањето и атерирањето на авионите, се покажала кобна за пајперот за пилотот и патниците. На само четири минути пред пистата на аеродромот „Александар Велики“, воздухопловот, најверојатно губејќи ја видливоста поради густата магла и поројниот дожд, и без доволно гориво во резервоарите, удрил десетина метри од врвот на месноста Кремење по што се распаднал. Дел од леталото, пред сѐ едно од крилата сеуште можеше да се забележи во самото подножје на ридчето, додека другите остатоци беа недостапни за јавноста и поради пристапноста на теренот и поради расфрланоста на остатоците во радиус на 500 метри, обезбедуван од припадниците на МВР.
Во меѓувреме се пронајдени телата на патниците и пилотот и се очекува во текот на вечерва да бидат предадени на Институтот за судска медицина. Секоја несреќа, особено авионската, е чувствителна материја за истражителите и затоа Чавков посочи на обвинителстото кое треба да го документира случајот.
„Почна динамичниот дел на увидот на лице место, како истражно дејствие со него раководи јавниот обвинител, а заедно со припадните на криминалистичка техника и судска медицина ќе се отпочне постапка на документирање со што точно ќе се утврдат сите факти и докази, и после завршување на увидот сигурно е дека јавното обвинителство ќе излезе со факти и докази, а не со информации“,изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
За време на истрагата, коридорот кон Скопскиот аеродром и натаму беше користен од комерцијалните летови, но на височина од неколку метри. Несреќата се случи во предел којшто и на полициските специјални возила и на полицајците повеќе од 20 часа им создаваше тешкотии да пристигнат до местото на ударот и да се распоредат за да можат истражните тимови да почнат со утврдувањето на причините хаваријата на пајперот.
Зоран Богатинов