Македонија слави 25 години самостојност
Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по петти пат...
Република Македонија денеска одбележува 25 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
По повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија, делегација на Владата на РМ предводена од вицепремиерот Владимир Пешевски и собраниска делегација, во состав Љупчо Димовски, Даниела Рангелова, Лидија Димова и Роза Топузова-Каревска, ќе положат цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија" во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и партиски, општински и граѓански делегации.
Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по петти пат, а е поделена во две категории - за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот, а се доделува на спортисти, тренери и спортски работници.
Одборот за доделување на наградата „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири за остварување во областа на спортот во 2016 година. Добитници на државната награда годинава се Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и фоти Ѓатовски.
Во пресрет на државниот празник 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија, синоќа во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија на која се обрати претседателот Ѓорге Иванов. Свечената академија, по која следуваше и концерт со револуционерни песни, е централен настан во програмата на Владата на РМ за одбележување на 25-годишнината од осамостојувањето.
Во чест на денешниот празник синоќа се одрќа и манифестацијата „Бела ноќ“ која на граѓаните им овозможи бесплатен влез во националните и локалните институции од културата низ Македонија.
Националните и локалните установи од културата понудија различни содржини во Белата ноќ која покрај во Скопје, се одржа и во другите градови низ земјава. Редовната „Бела ноќ“ во главниот град ќе биде на 1 октомври, како и во европските метрополи.
Одбележувањето на 25-те години независност почна во саботата со изложба на плоштадот „Македонија“ организирана од Државниот архив на Република Македонија, на која беа претставени сите значајни настани во државата во изминатите две и пол децении.
