Иванов: Неопходно е стратегиско свртување кон внатре, сами да се менуваме на подобро

08.09.2016 12:45

Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница. Новата Влада ќе има голема задача, на повеќе полиња, рече Иванов во своето обраќање на свечената академија по повод Денот на независноста...

Во пресрет на Денот на независноста синоќа во МНТ се одржи Свечена академија. Овој голем јубилеј е можност за преиспитување и самосогледување. Ова е време кога одново ќе ги прелистаме испишаните страници од нашето минато и од сегашноста, но и неиспишаните страници од нашата иднина, бидејќи иднината на Македонија зависи од сите нас- рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето.

Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница. Новата Влада ќе има голема задача, на повеќе полиња, рече Иванов.

Во услови на блокирани европски и евроатлантски интеграции, според македонскиот претседател, неопходно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре, односно да ги реформира и унапреди институциите.

Ако Европската унија нема волја да ги започне преговорите за членство и да ги отвори поглавјата за Македонија, тогаш ние самите треба да си ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Неопходно е да ги зацврстуваме институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или барем минимизираме последиците од блокадите. Затоа, неопходно ни е стратегиско свртување кон внатре. Сами да се менуваме, на подобро. Но, тоа стратегиско свртување кон внатре е многу подлабоко и посуштинско, истакна шефот на државата.

Порача дека по изборите, новата влада, но и сите граѓани заедно ќе треба напорно да работат за релаксирање, наместо заострување на односите во општеството, за враќање на културата на дијалог и на компромис во политиката и, како што рече, треба да се гради Македонија како држава на успешните, како општество поштедено од политизација и партизација, во кое политичките битки ќе се водат во институциите, а не на улиците.