Остатоците од урнатиот авион на вештачење

09.09.2016 11:30

Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата, подигањето и пренесувањето на материјалот ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Заврши снимањето со дрон на местото каде што се случи авионската несреќа во близина на село Кожле.

Три дена по уривањето на комерцијалниот приватен авион од типот „Пајпер“, екипите почнаа со подигање и пренесување на остатоците од леталото, откако претходно при увидот беа означени и обезбедени, информираат од скопското Јавно обвинителство. Заедно со другиот материјал ќе бидат пренесени на локација обезбедена од обвинителството, каде што стручни лица ќе извршат неопходно вештачење.

Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата, подигањето и пренесувањето на материјалот ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Заврши снимањето со дрон на местото каде што се случи авионската несреќа во близина на село Кожле.

Од скопското Јавно обвинителство соопштија дека се изготвени снимките и се предадени на натамошно постапување. Снимките во корелација со останатиот прибран доказен материјал, ќе бидат предмет на анализа на јавните обвинители и стручните лица од формираниот тим за истрага на авионската несреќа.

Телата на шестемината починати патници од авионот се пренесени во Институтот за судска медицина. По наредба на јавен обвинител ќе биде спроведена постапка на нивна идентификација преку ДНК анализи.