Грижа за бездомниците во Момин Поток
Во соработка со Црвениот крст, хуманитарно-волонтерска активност на лицата во третата доба за бездомниците во пунктот во Момин Поток. Пунктот кој функционира секој вторник и петок, го посетуваат 50-ина бездомници. Добиваат храна и им се дели медицинска помош и совети…

Пет години талка по улиците, домашните проблеми го оставиле без свој дом. Тешко е, но се снаоѓам- вака 52 годишниот бездомник Хасан ја започнува животната приказна. Го продава списанието „Лице в лице“, така заработува. Во пунктот на Црвениот крст доаѓа секој вторник и петок. Тука ја одржува хигиената, добива лекарска помош, психолошки совет, има и оброк. Вели потребна е поголема грижа за оваа категорија граѓани.
„Другите денови се малку потешки, но благодарение на народните кујни и други хуманитарни организации крпиме со храната. Но, има и доста луѓе кои што имаат потреба од храна преку целата недела, хигиенски услови, лекови. Често се случувало на бездомниците на улица никој да не сака да им посвети внимание околу медицинската нега. Многу луѓе така заминаa“, вели Хасан Аметовски.
Денеска на бездомниците им помагаа старите лица. Во пунктот на Црвениот крст во Момин Поток им донесоа домашно приготвен појадок.
„Ние организираме акции за сите категории на лица од социјалните категории. Тоа го правиме со голема желба, голем ентузијазам и веруваме дека нашата помош придонесува за нивно подобро чувство и сигурност“, вели Дивна Лакинска, член на дневниот центар за стари лица во „Црвен крст“.
Нашата цел е да има и други денови за бездомниците, велат од Црвениот крст. На тој начин би се намалиле социјално – психолошките проблеми на овие луѓе.
„Пунктот за бездомници реализира стручна социјална и психолошка работа каде што на оваа целна група им се дава психоцијална помош и поддршка. Имаме донатори кои со нас се од отворањето на пунктот кои што се грижат за храната, лековите и хигиената“, изјави Драгана Лазаревска, координатор на пункт за бездомници на „Црвен крст“- Скопје.
Според податоците на Црвениот крст, пунктот во Момин Поток го посетуваат околу 50-тина бездомници. Бројка која се менува постојано. Дел од бездомниците се сместени кај роднини или пријатели, но 80% се на улица.
Андријана Атанасовска
