Остатоците од урнатиот авион на вештачење, заврши обдукцијата на телата на загинатите
Три дена по уривањето на комерцијалниот приватен авион од типот „Пајпер“, екипите почнаа со подигање и пренесување на остатоците од леталото, откако претходно при увидот беа означени и обезбедени, информираат од скопското Јавно обвинителство. Заедно со другиот материјал ќе бидат пренесени на локација обезбедена од обвинителството, каде што стручни лица ќе извршат неопходно вештачење...
Завршена е обдукцијата на телата на шестемината настрадани патници од авионот што се урна кај кожле, велат за МТВ во Институтот за судска медицина. Најверојатна причина за смртта на патниците се тешки механички повреди и крварење.
По наредба на јавен обвинител допрвин ќе биде спроведена постапка за нивна идентификација преку ДНК анализи од нивните најблиски. За ова се известени роднините кои треба до вечер да дојдат и да дадат крв за да се направи споредба. Ова го потврдија и од Италијанската амбасада.
Во меѓувреме амбасадата со македонските институции работи и на процедурата за пренесување на телата и предавање на семејствата. Истражните екипи и денеска од атарот на Кожле ги подигаат и ги пренесуваат остатоците од авионот „Пајпер“, информираат од скопското Јавно обвинителство.
Заедно со другиот материјал на обезбедена локација стручни лица ќе извршат неопходно вештачење. Од скопското Јавно обвинителство соопштија дека се изготвени снимките од дронот и се предадени за натамошна истрага.
Вообичано во вакви случаи своја истрага водат и органите во Италија.
Наташа Гркова- Петрушевска