Село Глуво: Земјотресот ги оштети речиси сите куќи

12.09.2016 10:31

Серија земјотреси го погодија Скопје. Најсилниот беше почувствуван во 15 часот и 10 минути со магнитута од 5,3 степени по Рихтеровата скала. Епицентарот- 7 километри североисточно од Скопје. Предизвикана е материјална штета, има уништени автомобили, оштетени згради...

Нема куќа што помалку или повеќе не е оштетена во скопско Глуво, најблиску до епицентарот на попадневниот земјотрес. Некаде керамиди, паднати оџаци, внатрешна штета, распукани ѕидови.

Движењето на земјата од 5,3 рихтера предизвика страв кај околу 350 жители во селото, исто како и кај нивните сограѓани во останатите места во подножјето на Скопска Црна Гора. Ги најдовме надвор од нивните домови.

„Оџакот падна, куќата е распукана од страна, сите сме надвор, чекаме, стравуваме недај боже ако се повтори.“

„Овие куќи се од 80-тите години, има и понови како мојата. Штети има, некои испукнатини, тоа е тоа што можеме да направиме- тоа е природна појава и не можеме да бегаме. Сите сме надвор, се тешиме еден со друг и си помагаме“, велат жители на селото.

Среќа во несреќа за жител на скопска Железара, по потресот паднатиот оџак од зграда целосно уништи еден од двата автомобили. Нема настрадани, ниту повредени.

„Здрма наеднаш, се тресеше, неверојатно нешто беше. Рипнав, накај прозор, кога гледам лета нешто бело пред очи, тргам завеса и кога гледам мојата кога, и едната и другата, двете ги фати. Немаше што да се прави, во зграда, кај ќе бегаш, застанавме под стубови и кога лупна ова, гледам отиде колата, оџакот од горе долу паднал, половина зграда е испукана“, сведочи жител на Железара.

Граѓаните на Скопје и на околните села североисточно од главниот град попладнето го минаа надвор од домовите, поради страв од нови потреси.

 

Андријана Атанасовска