Античките мозаици- туристички адут за Охрид
Претставување на богатото културно- историско наследство за привлекување нови туристи во Охрид. Античките мозаици се од непроценливо значење, потребно е да се заштитат- советуваат експертите...

Македонија располага со раскошни антички мозаици кои можат да привлечат голем број туристи, особено вљубеници во културното наследство. Охрид има огромен потенцијал бидеќи во градот и долж крајбрежјето има 22 регистрирани локалитети, кои соодветно треба да се презентираат во светски рамки. Еден од најстарите мозаици кој е откриен на Плаошник е црно-бел и датира од пред повеќе од 2.000 години. За жал тој сеуште не е достапен за јавноста и допрва треба да се работи на неговото дооткривање и конзервација.
„Но тоа не значи дека тое е крајна бројка на локалитети кои постојат. Сигурно под многу постари куќи каде што не се ископувало постојат уште многу други мозаици кои би требало допрва да се истражуваат, публикуваат и објават. Нашите мозаици се во добра состојба, нормално тие како и секоја една работа бараат нега, бараат одржување, константен мониторинг“, вели Никола Упевче- конзерватор на мозаици.
Во светот не е доволно познато дека балканските простори располагаат со богато мозаично наследство, поради тоа експертите од регионот во иднина поактивно ќе работат на негова промоција.
„Треба да се направи база на податоци за мозаиците во регионот. Треба да го промовираме тоа наследство, бидеќи не се знае многу за него. Секогаш сите мислат дека мозаиците се на Медитеранот, во Северна Африка, на Блискиот Исток, додека ние навистина имаме преубави примероци на мозаици“, изјави Маја Франковиќ, Институт за конзервација-Белград.
На состанокот во Охрид експертите за мозаици од Италија, Франција, Шпанија и од Југоисточна Европа ќе го презентираат креативниот процес на решавање на проблемите и предизвиците за заштита на културното наследство.
Сашо Нелоски
