Обвиненијата од СЈО во рацете на судиите
Познати се судиите кои ќе ги работат првите две обвиненија од Специјалното јавно обвинителство. Судијките Михајлова и Петровска ќе решаваат за случаите уништување опрема во МВР и инцидентите во Општина Центар. Датумот за почеток на судењата ќе се знае дополнително...

Судиите од Кривичниот суд Татјана Михајлова и Лидија Петровска се назначени да ги судат предметите поднесени од Специјалното јавно обвинителство за предметите насилство во Општина Центар и за уништување на документација за прислушување.
Од Кривичниот суд информираа дека распределбата на предметите била направена со електронскиот систем за распределба, датумот на судењата сѐ уште не е одреден. Во обвинението за протестите пред Општина Центар 14 лица се осомничени за кривичното дело насилство, додека во вториот предмет за уништување на документи обвинети се седум лица вработени во УБК. За двете кривични дела пропишана е затворска казна до пет години.
Специјалното јавно обвинителство до Апелацискиот суд ќе достави жалба по одлуката на битолскиот градоначалник Владимир Талевски, со која нему му беше укинат домашниот притвор. Во одлуката на судот е наведено дека мерката куќен притвор за Талевски се укинува, а се определува мерка на претпазливост.
Тој има обврска да се јавува секој понеделник и петок кај службено лице во Основениот суд во Битола. Апелацискиот суд во Скопје ја уважи жалбата на осомничениот битолски градоначалник, кој е дел од предметот на СЈО познат во јавноста како „Транспортер“.
Миле Ристески
