Иванов- Дуда: Да се напушти статус- кво ситуацијата со евроинтегративните процеси на Македонија

21.09.2016 10:27

Конечно мора да се напушти статус кво ситуацијата со евроинтегративните процеси на Македонија- порака на претседателот Иванов на средбата со неговиот полски колега Дуда. Шефот на државата во Њујорк се сретна и со јорданскиот крал и египетскиот претседател. Разговарано било и за бегалската криза. Американскиот претседател Обама во обраќањето пред Генералното собрание повика на соработка и интеграција.

Светот да ја напушти поделбата и да се се стреми кон глобална интеграција, порача американскиот претседател Барак Обама во последното обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации. Тој повика земјите членки да ги отфрлат сите форми на фундаментализам, расизам и национализам и да ги отворат срцата кон бегалците.

„Во овој момент се соочуваме со избор. Можеме да избереме да одиме напред кон подобар модел на соработка и интеграција, или да се вратиме назад во силно поделен свет, што води кон конфликти. Колку и да се несовршени, принципите на отворени пазари, добро владеење, човековите права и меѓународното право што го создадовме, се силна основа на човековиот напредок во овој век“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Крајно време е да се надмине статус-кво состојбата со евроатланските интеграции на Македонија  и очекуваме Полска да продолжи со поддршка за прием во НАТО и во Европската Унија, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда. Македонија и Полска ќе ја зголемат соработката во економијата и одбраната.  Пријателските односи меѓу Македонија и Јордан да се пресликаат и на соработката во економијата и безбедноста, особено подобра соработка за решение на мигрантската криза, било договорено на средбата на шефот на државата Иванов со Кралот на Јордан Абдула Втори.  Мигрантската криза и борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализмот била тема и на средбата меѓу македонскиот и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси. Македонија и Египет ќе ја продлабочат соработката на безбедносните служби на двете држави.

Паралелно со одржувањето на 71-то Генерално Собрание на Обединетите нации, се одвива и изборот на нов Генерален секретар на светската организација.

 

Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ