Втор ден расправа за извештајот на СЈО

22.09.2016 16:33

Втор ден по ред, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева одговора на прашањата од пратениците во Комисијата за политички систем. Таа остана на своите барања, но не одговори за финансискиот извештај. Дел од народните избраници го доведоа во прашање нејзиниот кредибилитет...

За финансискиот извештај може да прашувате колку што сакате, одговор нема да добиете. Вака специјалната обвинителка Катица Јанева им одговори на пратениците кои прашуваа за потрошените 60 милиони денари за кои во Извештајот на СЈО нема спецификација. Специјалната обвинителка уште еднаш побара законодавниот дом да го пролонгира рокот од 18 месеци на неопределено време за да може обвинителството да ги заврши истрагите.

„Законот за СЈО кога се носеше, не знаевте, не ви беше јасно, кога мене ми било јасно, дека 18 месеци за тешки кривични дела се многу мал период. Јас не слушнав вие да реагирате тогаш“, рече независната пратеничка Солза Грчева.

Пратеник од мнозинството праша и за тоа колку Јанева е кредибилна за оваа функција.

„Колку пати, колку дела и колку години во обвинителството во Гевгелија сте работеле на изборни измами, на тежок криминал, на организиран криминал, за кој што се казнува повеќе од пет години, на злосторнички здружувања, на се друго од она што го водите денес, за да знаеме кој личен капацитет и претходно работно искуство го имате затоа што тоа ќе биде дел од вашиот углед при појавувањето во сите правосудни институции во Република Македонија“, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Посконцентрирано го слушам господинот Милошоски бидејќи го слушам и во незаконски прибавените разговори и знам за неговиот личен капацитет. За мојот личен капацитет, обвинителот Марко ми беше шеф, и нека каже тој. За финансискиот извештај ви кажувам- можете да прашувате колку сакате, повеќе информации нема да ви дадам. Исто така барам членот 22 да се избрише“, одговори Јанева предизвикувајќи реакции меѓу пратениците.

„Законите во Република Македонија кажуваат дека Јавното обвинителство за кое што денеска разговараме мора да достави прецизен финансиски извештај, а не да ни биде кажано- колку и да барате нема да ви доставам“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Г-ѓо Јанева, вие сте единствената институција во земјата што за жал ВМРО-ДПМНЕ не може да ја контролира. Овие луѓе и тие од Извршниот комитет, кои што ја доведоа Македонија на маргините, не можат да се помират со тоа што една институција во земјава не можат да ја контролираат. Тие сакаат да контролираат сѐ во државата“, рече Горан Мисовски, пратеник од НСДП.

Откако пратеничката Светлана Јакимовска го елаборираше начинот на којшто се носат закони во Собранието, Јанева и го врачи барањето за измена на двата закона, за кои вели дека се неопходни за работата на СЈО.

Едниот го содржи рокот за финиширање на истрагите, а вториот за заштита на сведоците.

 

Анита Димитријевска