Јанева отсутна, расправата одложена

27.09.2016 16:10

Изостана расправа на комисијата за политички систем. Катица Јанева остана на кажаното од вчера и не се појави во Собранието. За ВМРО-ДПМНЕ, ова претставува кршење на Уставот и на законите, за СДС – извештајот на Специјалното обвинителство можел да се разгледува и без подносителот...

Седницата на Комисијата за политички систем денеска повторно се одложи откако претседателот Владимир Ѓорчев констатираше дека не е присутна обвинителкaта Катица Јанева, како подносител на извештајот за СЈО.

Шефицата на СЈО го одржа зборот и денеска не се појави во Собранието. Таа вчера демонстративно ја напушти седницата и порача дека тоа што и се прави е класичен мобинг. Јанева најави дека ќе се појави во Собрание само на пленарна седница.

Опозициската СДСМ за одложувањето на седницата со став дека тоа е сценарио на владејачкото мнозинство, кое вели, не сака воопшто извештајот за работата на Јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски да се разгледува ниту на Комисија ниту на пленарна седница. Пратеникот од редовите на СДСМ додаде дека, според собранискиот Деловник Извештајот на СЈО може да се разгледува и без присуство на подносителот бидејќи, вели, тоа не е општ акт.

Од Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Катица Јанева треба да присуствува во Собранието, бидејќи, како што велат, со непојавување ги крши Уставот и Законите на Македонија. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски нагласи дека доколку таа не се појави на комисијата, тие нема да прифатат ниеден предлог на Специјалното јавно обвинителство. СЈО не ги почитува човековите права и не обезбедува еднаквост пред законот. Бегаат од одговорност,рече Димовски.

Седницата на Комисијата за политички систем на која треба да се разгледува извештајот на СЈО е презакажана за утре. На агендата за расправа на Комисијата е и Извештајот на државниот обвинител Марко Зврлевски.

 

Игор Панов