СЈО: Нова истрага „Трезор“ за економски криминал
„Трезор“ е новиот предмет што го отвора Специјалното јавно обвинителство. Се однесува на наводна злоупотреба на буџетски средства за што се осомничени три раководни лица од УБК и едно од МВР...

Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага „Трезор“, прва за економски криминал. Осомничени се тројца на раководни позиции во УБК и едно лице во МВР за злоупотреба на службената положба и дека го оштетиле буџетот за над 860 илјади евра. Осомничените незаконски прибавиле противправна имотна корист за скопската фирма „Финзи“ со набавка на електронска и комуникациска опрема од британска компанија. Договорот бил склучен во ноември 2010-тата година, со утврден начин на плаќање.
„Од доказите произлегува дека оваа опрема во МВР е евидентирана со вредност од 1 денар, а договорот за одржување на таа опрема е приближно 30 илјади евра месечно. На 03.03.2015 година помеѓу МВР и Финзи ДООЕЛ - Скопје, застапувано од Крпач, е склучен договор за услуги за сервисирање, надградување, поддршка на хардвер, софтвер и лиценци за севкупните системи односно каско одржување“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.
Во 2011-та и во 2012-та биле изготвени два анекса на договорот меѓу МВР и компанијата Финзи за дополнителна опрема. Според СЈО има сомнение дека опремата била нефункционална и со целосно истечен рок на лиценците. Според доказите како што рече обвинителката Фетаи, фирмата Финзи била основана во август 2009-та од правно лице од САД. До крајот на 2010-тата, кога му е доделена работата на МВР за набавка на опрема, додаде Фетаи, единствено што работела фирмата е само зголемувањето на главнината од 650 илјади евра.
„Овие средства се префрлени од сметката на Финзи- САД која била отворена на Кипар, на сметката на Финзи- Скопје. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-Фи-Кар. Осомничените за Финзи ДООЕЛ- Скопје иако не ја извршиле услугата прибавиле имотна корист од 17.527.500 денари или 285.000 евра. Овој износ претставува исплатен аванс, деветмесечен паушал, заклучно со декември 2015 година за непосредно по смртта на управителот на Финзи еднострано од страна на МВР е раскинат договорот“, рече обвинителката Фетаи.
Во текот на истрагата ќе се разгледува каде крајно завршиле финансиските средства, вели обвинителката Ристовска. Додаде дека нема информации дека некој од осомничените не е во државата.
„Сведокот, сега веќе починатиот Коста Крпач, обезбеди информации како за овој предмет, така и за други предмети, меѓутоа заради тајноста на предистражната постапка во тие предмети, ова е единствениот предмет за кој можеме јавно да произнесеме податоци“, рече обвинителката Ленче Ристовска.
СЈО за сите осомничени од судот ќе побара мерки за претпазливост и за привремено замрзнување на имотот. Ова е шести предмет на СЈО. Досега отвори пет истражни постапки „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“, а поднесе и две обвиненија до скопскиот Кривичен суд.
Наташа Гркова- Петрушевска
