Доделени 20 стипендии за универзитетот Шефилд

28.09.2016 15:30

20 македонски студенти ќе студираат на реномираниот „Сити колеџ“ во Солун. На Македнија ѝ се потребни лидери од областа на бизнисот и претприемништвото- им порача на стипендистите претседателот Ѓорге Иванов, кој по седми пат ги додели стипендиите што го носат името на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски...

Дваесет стипендисти ќе заминат на магистерски студии на реномираниот „Сити колеџ“ од Солун. Седмата генерација студенти ќе има можност да учи од најдобрите професори од областа на бизнисот и администрацијата. Нема поисплатлива инвестиција од квалитетно образование. На Македонија ѝ се потребни лидери во оваа област- им порача на стипендистите претседателот Ѓорге Иванов.

„Многумина се пријавија на овој конкурс, но малкумина беа избрани. Вие сте најдобрите од најдобрите. Инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Македонија“, нагласи претседателот Иванов.

Околу 140 студенти веќе ја искористиле можноста да бидат обучени од врвни професионалци од оваа област. Од „Сити колеџот“ велат дека придобивките се огромни.

Досегашното искуство со македонските студенти кои веќе студираа пред вас на оваа програма, покажува дека времето поминато во една ваква интернационална образовна средина, дава нова перспектива кон современиот бизнис“, изјави заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Стипендиите го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Ќе се реализираат на „Сити колеџот“ во Солун, кој е дел од универзитетот Шефилд, рангиран меѓу 100-те најдобри во светот.

 

Викторија Милевска