Денеска се одбележува Светскиот ден на срцето

29.09.2016 10:33

Статистиката покажува дека најмалку 80 насто од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат со редовна посета на избраниот лекар...

Редовна посета кај матичниот лекар и примената на превентивните совети и препораки, се единствениот начин за намалување на ризиците од кардиоваскуларните болести и превенција на последиците од нив. Статистиката покажува дека најмалку 80 насто од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат со редовна посета на избраниот лекар.

Под мотото „Дајте му сила на вашиот живот“ денеска се одбележува Светскиот ден на срцето. Од Институтот за јавно здравје информираат дека нема да има бесплатни превентивни прегледи за граѓаните, но ќе има промотивен материјал со насоки и совети за тоа како треба да се грижиме за здравјето.

Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23,6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација, при што се очекува кардиоваскуларните болести да останат водечка причина за смрт во светот.

Во Република Македонија во 2015 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.939 лица. Проценките покажуваат дека најмалку 80 отсто од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат со редовна посета на избраниот лекар.

Стапката на морталитет од циркулаторни заболувања во вкупното население во Македонија во периодот 2010-2015 и натаму има тренд на пораст.