Продолжи седницата за пратенички прашања
Продолжи седницата посветена на пратенички прашања, по едночасовната пауза што на самиот почеток беше дадена на барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски...

Во Собранието попладнево продолжи седницата посветена на пратенички прашања, по едночасовната пауза што на самиот почеток беше дадена на барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Тој во процедуралната забелешка рече дека од денеска оваа седница може да се нарекува седница за мобинг и оти претставниците на власта имаат право да не одговараат на прашањата на пратениците и да ја напуштат седницата. Ова сознание, како што рече Димовски, го обелоденил еден специјален човек со специјална мисија.
По барањето на Димовски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски даде еден час пауза бидејќи тоа е согласно деловникот за работа, но, како што истакна, секој си одговара за своите постапки. Ги замоли пратениците да бидат коректни и да продолжат со редовниот тек на работа.
Пратеникот Горан Сугарески, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ побара еден час пауза со цел пратениците од СДСМ да не бидат тука и да поставуваат пратенички прашања. Нагласи дека тоа е мобингот на ВМРО-ДПМНЕ кој го врши врз Собранието, но и врз граѓаните на Република Македонија.
