Претседателот Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Франција, Словенија и на Белгија

29.09.2016 14:07

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Француската Република, на Република Словенија и на Кралството Белгија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија,  Кристијан Тимоније, беше изразено задоволство од досегашниот развој на меѓусебната соработка меѓу Француската Република и Република Македонија, кои се резултат на заеднички напори, при што се воспоставија динамични политички односи, како и односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.

Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија, Милан Јазбец, се заблагодари на досегашната поддршка која Република Словенија ја даде за аспирациите за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО и изрази уверување дека одличната соработка и заемната поддршка на регионално ниво и на мултилатерален план ќе продолжат со интензивирање во периодот што следи.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија за Република Македонија со седиште во Софија, Франсоа Бонтан било истакнато дека постојат и можности и капацитети кои со интензивирање на политичкиот дијалог ќе придонесат за понатамошно унапредување на севкупните односи меѓу двете земји.