„Стисни Плеј“: На 7-ми октомври промоција на песната за Јуниорскиот Евросонг

30.09.2016 08:41

„Love will lead our way“– песната со којашто Мартија Станојковиќ ќе ја претстави Македонија на Јуниорскиот Евросонг ќе биде промовирана на 7-ми октомври во „Стисни Плеј“...

Александра и Мартија вечерва во „Стисни Плеј“ ексклузивно ви ги откриваат деталите за учеството на Македонија на Јуниорскиот Евросонг.

„Love will lead our way“ е насловот на песната со којашто Мартија Станојковиќ ќе ја претстави Македонија на Јуниорскиот Евросонг, кој ќе се одржи на 20-ти ноември во Валета, Малта.

Со кого ја работеше песната и видео записот, како течат подготовките и многу други интересни нешта Мартија споделува вечерва со публиката во најновото издание на „Стисни Плеј“.

Заедно со Александра откриваат и дека официјалната промоција на песната ќе се случи следниот петок, на 7-ми октомври во „Стисни Плеј“, кога публиката ќе може премиерно да го погледне видео записот изработен за неа.

За Македонија ова е 12-то учество на Јуниорската Евровизија, а досега најголемиот успех за нашата земја бил 5-тото место, освоено во два наврати.

Јуниорскиот Евросонг се одржува по 14-ти пат, а годинава учество ќе земат 17 земји.

Мартија Станојковиќ доаѓа од Куманово, има дванаесет години, а својот талент кон музиката и пеењето го покажува уште од пет годишна возраст. На седум години ја снима својата прва песна, стануза збор за детската нумера „Пејачка ќе станам“.

Минатата година Мартија ја импресионираше публиката и жирито на популарното балканско талент шоу „Пинкови Ѕвездички“, освојувајќи го второто место.

Учеството во шоуто и донесе голем успех и многу фанови ширум регионот, а Мартија стана омилена меѓу натпреварувачите и дете од кое секогаш се очекуваше нешто ново и оригинално.

По овој успех следуваше и поканата од МРТ да ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг.