Мигрантската криза во фокус на Есенската сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ
Македонија пречека делегации од 51 држава, од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Почна Есенската сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ. Во фокусот се мигрантската криза, безбедноста и соработката. Поради конференцијата, главниот град на земјава беше под силно полициско обезбедување...
Бегалската криза во фокусот на Есенската сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ. Кризата за државите низ кои транзитираат бегалците отвори голем број прашања од економски, преку демографски и безбедносен карактер посочи претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски. Тој потенцираше дека непочитувањето на некои од принципите на ОБСЕ, Македонија ги почуствува на свој грб како голема неправда.
„Поради непочитување на темелните принципи на меѓународното право бевме на своевиден начин блокирани во остварувањето на нашата определба за членство во НАТО, иако ги исполнивме сите услови. Истото се случува и со започнувањето на преговорите со Европската Унија. Сепак, искрено верувам дека сега навистина скромно започнува процес на дијалог, а со тоа и на градење доверба со што би се надминал овој проблем кој 25 години го имаме со нашиот јужен сосед“, изјави Вељаноски.
Изненадени сме што земјите од Европската унија немаат воља или капацитет да ја менаџираат кризата со мигрантите- рече потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски. Потребна е заедничка стратегија за сузбивање на оваа појава која ќе продолжи да трае, рече Милошоски.
„Никој не може да ги оправда земјите- членки на ЕУ за некоординираноста и пасивноста понекогаш, по однос на ова бегалско и мигрансто прашање“, рече Милошоски.
„Навистина е важно Европската унија да говори во еден глас кога е во прашање миграцијата и меѓународната заштита. Последнава година, година и половина беше навистина со предизвици. Мојата оргназација се обиде ова прашање едногласно да се решава“, рече Малин Ларсон, Европска канцеларија за азил.
Грижата за регионалната безбедност не смее да биде на штета на грижата за квалитетот на демократијата и почитувањата на човековите права, истакна шефот на македонската делегација во постојаното Собрание, Рената Десковска.
„Оптимистичка оценка е да се каже дека демократијата е во стагнација, пореална е оценката дека станува збор за назадување на демократијата“, нагласи Дескоска.
Иднината мора да е со просперитет. Треба да размислиме заеднички како да ја зголемиме меѓусебната доверба, вели Кристин Мутонен претседател на постојаното Собрание на ОБСЕ.
„Соработката е потребна, без соработка нема шанси да напредуваме“, истакна Мутонен.
Македонија е домаќин на Есенската сесија на постојаното Собрание, на кое учествуваат делегации од 51 држава.
Миле Ристески