СДСМ: Итна собраниска седница за измени на законите за заштитени сведоци и за СЈО
Пратеничката група на СДСМ достави барање за свикување итна собраниска седница, на која би се разгледувале предлог- измени на Законот за заштитени сведоци и на Законот за Специјалното јавно обвинителство. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија – нема да прифатиме нешто што е надвор од Пржинскиот договор. Отсуството на Јанева повторно ја одложи расправата за шестмесечниот извештај...

Со донесувањето на двете законски решенија, ќе се поддржат барањата на Специјалното јавно обвинителство, за да се овозможи непречена работа на институцијата, вели Шилегов, додавајќи дека очекуваат спикерот Вељаноски седницата да ја закаже во најкус можен рок. Ги повика сите парламентарни партии да ги поддржат предлог измените, имајќи го предвид фактот дека формирањето на СЈО беше изгласано консензуално.
Никакви нови договарања, преговарања или проширувања на веќе постигнатата согласност се неприфатливи, реакција од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ е портпарол на СЈО, а СЈО портпарол на СДСМ и меѓу двата субјекта нема никаква разлика, стои во дописот од владејачката партија. Побараа од Јанева извинување за оспорениот легитимитет на Собранието.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ воопшто нема да прифати разгледување на какво било барање и предлог кој потекнува од Специјалното јавно обвинителство, а е надвор од законот за СЈО договорен од четирите партии согласно со договорот од Пржино. Дополнително, повторно ќе ја потсетиме госпоѓата Јанева дека, ниту таа, ниту кој било друг функционер именуван од пратениците немаат право да кријат и да одбиваат да одговорат, каде и за кои цели ги трошат парите што граѓаните преку нас пратениците им ги овозможуваат за својата работа- стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Трети пат продолжението на дебатата во комисијата за политички систем се одложува поради отсуството на Јанева.
Јанева апелираше Собранието да донесе измени во Законот за заштита на сведоци и Законот за приватност, да се продолжи мандатот на СЈО и да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија.
Милчо Велески