Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на помилувањата
Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставност на помилувањата на претседателот Иванов од 12-ти април годинава. Судиите сметаат дека оспорените одредби веќе не постојат во правниот поредок, па судот не може да бидат предмет на оценување...

Известителот за иницијативата за оценување на уставноста на помилувањата на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, уставната судијка Гзиме Старова, образложи дека Уставниот суд не може да ја оценува уставноста на помилувањата затоа што тие веќе не постојат во правниот поредок.
Во случајов, рече таа, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички права и, пред сè, фактот што оспорените одредби по поднесувањето на иницијативата престанале да важат, и со самото тоа веќе не се дел од правниот поредок, цениме дека не постојат процесни претпоставки за нивно оценување, односно не можат да бидат предмет на оценување на уставноста.
Ниту еден од уставните судии не се јави за расправа, а по завршувањето на седницата, уставните судии изгласаа за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 од деловникот на судот.
На 12-ти април годинава, претседателот Иванов ги донесе одлуките за помилување на 56 политичари и нивни соработници. Тоа предизвика револт кај граѓаните, кои излегоа на протести.
На 27-ми мај претседателот Иванов ги повлече аболициите, но само за политичарите, а подоцна, на 6-ти јуни, беа повлечени сите аболиции.
Фиљана Кока
