Отворено седиштето на Балканските медицински сили во Скопје
Во Скопје ќе биде постојаното седиште на штабот на Балканските наменски медицински сили. Македонија, Словенија, Србија, БиХ, Албанија и Црна Гора ќе партиципираат со свој персонал во единицата која ќе треба навремено и ефикасно да дејствува при елементарни непогоди и несреќи. Командувањето со единицата е на принцип на ротација. Првиот началник на Штабот ќе биде од Србија...

Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина, ја реализираа идејата од пред 6 години да формираат балкански наменски медицински сили. Во Скопје ќе биде постојаното седиште на штабот, а командувањето е по принципот на ротација. Прв командант на единицата со воено-медицински персонал од 86 лица, до крајот на 2019-та ќе биде од Србија. 6-те држави со поддршка од Норвешка и од САД се подготвени во секое време и кога е потребно да одговорат на елементарни непогоди или катастрофи од поголеми размери. Доказ дека ваквата соработка е нужно потребна се поплавите во Србија, Босна и Херцеговина и неодамнешните во скопскиот регион.
„Ќе создадеме мала, мобилна, брза организација, која секаде и секогаш ќе биде таму каде што е потребна за граѓаните. Денес, со отворањето на ова постојано седиште на Балканските медицински наменски сили во Скопје, ние создаваме историја“, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Засега сѐ уште не е прецизирано, дали воено-медицинскиот персонал евентуално би се ангажирал и во мировни операции. Секоја земја има законска регулатива како да одговори при елементарни непогоди, но е потребна и регионална соработка, вели министерката за одбрана на Босна и Херцеговина. Нејзините колеги од Словенија и од Србија се согласија дека на ризиците и заканите е потребен заеднички одговор.
„Постојат одредени проблеми во комуникацијата поради недостаток на одредени договори, и тешко е на време и соодветно да се одговори, а времето во елементарни непогоди и катастрофи е многу важен фактор“, вели Марина Пендеш, министер за одбрана на БиХ.
„Овој проект од една страна е воен, а од друга страна е насочен кон тоа да им помагаме на луѓето на кои што им е потребна“, изјави Андреја Катич, министер за одбрана на Словенија.
„Во овој момент сите држави на Балканот се соочуваат со исти или слични предизвици, ризици и закани кои повикуваат на заеднички одговор за нивно решавање и ја нагласуваат потребата за заеднички настап, со цел одржување на меѓународната безбедност“, нагласи Зоран Џорџевиќ, министер за одбрана на Србија.
Проектот е во духот на концептот „Паметна одбрана“ на НАТО. Ова не е обична, туку е уникатна мултинационална единица според стандардите на Алијансата и е конкретен пример за регионална соработка, констатираа министрите за одбрана на Македонија, Србија, Словенија и на Босна и Херцеговина.
Милчо Велески
