Голема излезност на првиот студентски референдум

05.10.2016 14:32

Студентите гласаат дали Стдеунскиот парламент треба да остане невладина организацијата. Од Пленумот велат, излезноста е задоволителна. Се гласа на 20, не почна на три факултети- немало волонтери за да помогнат во спроведување. Пленумци очекуваат поддршка од сенаторите.

Гласам за да не се врши притисок врз Универзитетот и за да има поголема контрола врз парите- рекоа некои од студентите додека го остваруваа своето право на глас. Во импровизирани гласачки кутии на 20 факултети се спроведе првиот студентски референдум на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Студентите гласаа дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација или да биде во рамките на УКИМ. 

„Да не се врши притисок врз Универзитетот, иако сега тој е невладин, од Владата има притисоци врз Студентскиот парламент.“

„Сѐ додека некој од надвор ги регулира работите, од една страна може да ги искористи за други цели и да не се раководи со капиталот како што треба. Многу финансии се трошат непотребно.“

„Според мене е подобро Студентскиот парламент да биде дел од Универзитетот и го поддржувам овој предлог“, велат студентите кои ги анкетиравме.

Овој референдум не е обврзувачки, гласање немаше на три факултети, на Земјоделски, Ветерина и на Факултетот за физичка култура- таму не се пријавил волонтер кој би го набљудувал гласањето. Пленумци очекуваат поддршка од сенаторите.

„Се надеваме дека сенаторите ќе ја препознаат волјата на студентите и одлуката што треба да ја донесат за студентското претставничко тело ќе ја донесат врз база на мислењето на студентите. Останува нивна морална одговорност дали ќе го направат тоа, дали ќе застанат на страната на студентите, или ќе застанат на страната на некаква невладина организација која досега не ги претставуваше реално студентите“, вели Борјан Ефтимов.

Иако првично од Студентскиот парламент ни рекоа дека ќе имаат став за денешното гласање организирано од Пленумот, на крајот останаа без коментар.  

 

Андријана Атанасовска