Трајанов со нов предлог законски измени за законите за СЈО и за заштитени сведоци

05.10.2016 14:46

Корекциите вчера не поминаа по скратен апостапка, денеска Трајанов ги иницира во редовна процедура...

Предлози за измени на Законите за Специјалното јавно обвинителствои за заштитени сведоци поднесе пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз. Корекциите вчера не поминаа по скратен апостапка, денеска тој ги иницира во редовна процедура.

„Апсолутно има деловнички можности да се води парламентарна расправа по овие два закона, и истите да бидат донесени. Очекувам поддршка од сите пратеници и на крај, поради вкупните состојби и веројатно притисокот кој ќе се созаде во јавноста, стручната расправа, експертите кои ќе бидат вклучени во овој процес, сепак да преовлада чувството за одговорност, и мнозинството пратеници да ги поддржат овие закони“, изјави Трајанов.

Со соопштение излезе ВМРО-ДПМНЕ. Велат, договорот меѓу партиите подразбираше и формирање на СЈО кое ќе има рок од 18 месеци за да отпочне истраги за предметите за кои ќе има дури и најмал сомнеж.

„Партиите консултираа експерти и се договорија за сите детали, почнувајќи од Буџетот, па се до кадровското екипирање. ВМРО-ДПМНЕ се согласи на формирање на ваква паралелна институција затоа што знаевме дека вистината е на наша страна и дека ова време е доволно за во законска процедура да излезат на виделина сите манипулации на Заев. ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го прикрива или поддржува непрофесионалното, незаконското и необјективното работење на СЈО. Нема ништо разумно да настапите како политичар и да барате нешто од Собранието, а истовремено го прогласувате за нелегитимно и знаете дека Вие не сте Суд туку само странка во постапката која ќе треба да ги докажува своите сомнежи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.