Трајанов поднесе законски измени за СЈО
Втор обид за законите за Специјалното обвинителство и заштитата на сведоци. Демократскиот сојуз на Павле Трајанов поднесе измени во редовна постапка. ВМРО-ДПМНЕ порача дека нема да прифатат нешто што е надвор од договорот од Пржино, за СДСМ- владејачката партија бега од соочување со правдата...

Павле Трајанов ги поднесе измените на законите кои ги бара Специјалното обвинителство во редовна собраниска постапка. Тврди дека Собранието нема да се распушти на 12-ти туку после 20-ти октомври и дека има доволно време неговите измени да ги минат собраниските филтри. Очекува притисок од меѓународниот фактор за негова подршка, но и дека политичките субјекти ќе го подржат во интерес на граѓаните.
„Веројатно притисокот кој ќе се созаде во јавноста, стручната расправа, експертите кои ќе бидат вклучени во овој процес, сепак да преовлада чувството за одговорност, и мнозинството пратеници да ги поддржат овие закони“, изјави Трајанов.
Владеачката ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да подржи никакви измени кои ги бара СЈО бидејќи никој не му пречи на обвинителството да работи според постојните законски решенија.
„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го прикрива или поддржува непрофесионалното, незаконското и необјективното работење на СЈО. Нема ништо разумно да настапите како политичар и да барате нешто од Собранието, а истовремено го прогласувате за нелегитимно и знаете дека вие не сте суд туку само странка во постапката која ќе треба да ги докажува своите сомнежи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако во скратена постапка не минаа нивните измени, Социјал-демократите ќе ги подржат оние кои Трајанов ги предлага, а се идентични со нивните предлози.
„Текстот ќе биде по редовна постапка, тоа подразбира кога ќе бидат пуштени материјалите во Собранието, треба да биде седница на Собранието закажана, за да може Комисијата за политички систем да заседава. Да ќе ја поддржиме“, рече Горан Сугаревски од СДСМ.
Додека ДУИ вели со консензус треба да се подржи подобрувањето на работата на Специјалното обвинителство, во ДПА се лути бидејќи ниту СДСМ ниту Трајнов не ги консултирале. Предлозите сметаат тие се еднострани и ја девалвираат институцијата СЈО.
„Ако некој мисли дека ние како ДПА ќе следиме слепо било каква иницијатива на било кој, а претходно без да не консултира и координира, посебно за вакво битно прашање, тогаш истите се лажат“, изјави Имер Алиу од ДПА.
„Прво ќе видиме што се предлага, дали се истите закони кои беа вчера на дневен ред. Секако дека пратеничката група на ДУИ а и централното претседателство ќе изгради став дали ќе ги поддржи законите или не“, изјави Рафиз Алити од ДУИ.
Законските измени кои СЈО ги бара, а Трајанов ги предлага преку соопштение ги подржаа и албанските Беса и Унитети.
Миле Ристески
