Да се зголеми свесноста за дарување органи

07.10.2016 14:38

Колку сме навистина хумани и подготвени да жртвуваме дел од себе за да се спаси нечиј живот? Со какви правни лавиринти се соочуваат дарителите на органите во земјава. Недостига правна рамка за соодветен систем на пресадување...

„Бев подготвен во секој момент да го подарам бубрегот. Но, бевме одбиени, не ја знам причината. Сега сум им благодарен на докторите“- овој татко живее со еден бубрег, со другиот го спасил животот на синот. Слична судбина делат многу семејства. Иван и Гоце, велат дека сега го живеат својот втор живот. Иван има 23 години и бубрег од таткото, а Гоце од починат дарител. Апелираат до граѓаните да даруваат орган.

„Да ги донираат за да спасат животи. Бидејќи тоа не може да го знае човек кој не одел на дијализа. Тој што е на дијализа знае како е и колку е тешка борбата за да дојде до орган“, вели Гоце Арсов.

„Татко ми ми подари бубрег и сега е многу подобро, отколку кога одев на дијализа“, вели Иван Домевски.

Од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ апелираат преку кампањи да се зголеми свесноста на населението за дарување органи. Пациенти да не лутаат низ здравствените лавиринти, да се воспостави систем за трансплантација.

„Бараме воведување на нови генерци на лекови и за трансплантираните и за дијализните пациенти. Поголеми бенефиции на пациентите кои дарувале и примиле орган и да се зголеми бројот на потенцијалните извори на органи. Како секаде во светот тоа треба да бидат центрите за интензивна нега“, изјави Душко Ѓоргиев, Здружение на бубрежно болни граѓани „Нефрон“.

По една година застој, на Клиниката за урологија повторно се врати трансплантацијата на бубрези. Годинава се извршени само четири успешни трансплантации, до крајот на годината се планирани уште толку.

„Стручниот тим на Клиниката на урологија е подготвен да изврши трансплантација од жив донор- кадавер во секое време. Ги имаме сите лекови. Фондот за здравство плаќа за некомплицирана трансплантација 600 илјади денари комплицирана од 900 илјади до милион денари“, изјави д-р Михаил Пенев, директор на Клиниката за урологија.

Со пораката „Подари орган, спаси живот“, здружението на бубрежно болни граѓани го одбележуваат Светскиот ден органодарителството.

 

Андријана Атанасовска