Светски ден на пристојна работа: Да се подобрат статусот и заштитата

07.10.2016 15:55

Од 2008-ма година Меѓународната конфедерација на синдикатите го одбележува Светскиот ден за пристојна работа. Станува збор за легализирање на работата на илјадници ангажирани лица без постојан работен однос во културата, медиумите, образованието. Лицата со статус слободни уметници, оние што работат делумно или пак таканаречените маргинализирани групи чиишто професии не се озаконети.

Не се ретки примерите во академската заедница каде што асистенти со демонстраторски примања, добиваат академски звања, но не и редовен работен однос, иако професорите веќе заминале во пензија. Слично е и во медиумската сфера, каде што речиси една третина од ангажираните работат на црно, а уште поголем број се таканаречени паушалци, велат истражувањата на невладиниот сектор.

„Паушалците се некоја втора категорија, бидејќи немаат никакво решение, никаква социјална, здравствена и пензиска заштита. Немаат платено боледување, немаат годишни одмори, а работат за некаков паушал каков ќе договорат, ако им стигне кога стигне“, вели Ѕвездан Георгиевски, новинар фриленсер.

„Веројатно покрај уметниците ние сме една од ретките професии која треба да обезбеди не знам каква норма, а средствата за работа да си ги донесе од дома. Тука мислам на средствата за истражување, основната литература, средствата за истражување и за публикување“, изјави Маја Стевановиќ, Независен академски синдикат.

„Практично кај нас не постои нешто што може на некој начин да регулира одредени професии што работат во полето на културата“, вели Билјана Тануровска, работник во граѓанскиот сектор.

Некои занимања не се признаени, немаат право на синдикално организирање, немаат право да ги добијат работничките права, да плаќаат придонеси и да се пензионираат, ниту пак имаат здравствено осигурување.

„Една од големите борби на сексуалните работнички низ светот е токму признавањето на сексуалната работа, како работа, како труд“, вели Ирена Цветковиќ, Коалиција за права на маргинализирани заедници.

Од 2008-ма година Меѓународната конфедерација на синдикатите го одбележува Светскиот ден за пристојна работа кој минува сосема неодбележано од синдикатите во земјава и регионот, велат претставниците на невладините здруженија.

 

Свето Николовски