Раселените од поплавите уште 60 дена можат да останат во училишните домови

07.10.2016 16:04

Државата им го продолжи рокот за престој за уште два месеца на луѓето од поплавените подрачја сместени во студентските домови „Сениќ“ и „Партениј Зографски“. Некои се подготвуваат да се вратат во своите домови зашто привршува санацијата на куќите. Зимата наближува, а со тоа се скратува периодот во кој може да се изведуваат градежни работи на оние објекти што имаат поголеми оштетувања.

Горан Дукадиновски со сопругата и шестмесечната керќа и по два месецa од поплавите сѐ уште не можат да се вратат дома. Тие и уште 100- тина семејства се сместени во државниот студентски дом „Сениќ“. Вели задоволен е од условите и третманот на вработените, но сака што поскоро да замине дома. Горан ја добил авансната помош од државата и од Црвениот крст и сега ги санира штетите од поплавата.

„Тука сме од 8- ми август и уште недела дена може ќе бидеме тука затоа што почнавме да санираме и благодарен сум на директорот на претпоставените затоа што се грижеа за сите нас што бевме сместени тука“, вели Дукадиновски.

Во овој дом престојуваат уште 190-мина граѓани од најзагрозените подрачја. Од раководството велат- направено е се за да им се помогне.

Ресорното министерство реши да им ги продолжи решенијата за нови 60 дена, на граѓаните кои се сместени во „Сениќ“ и „Партение Зографски“. Од денеска тимови од министерството ќе прават теренски проверки за да ја утврдат реалната состојба на граѓаните.

Доколку тимовите утврдат дека граѓаните немаат услови за живот, ќе им понудат сместување во овие два објекта. Во „Сениќ“ и „Партение Зографски“ има капацитет за околу 100 лица.

 

Викторија Милевска